Општина Кочани е лидер во активната транспарентност меѓу општините од Источниот плански регион. Според мерењата извршени од Здружението „ИНИ“, во рамките на проектот „Со професионална администрација до ефикасни и квалитетни услуги на локално ниво“, Кочани е со високи 93 проценти исполнетост на обврските. Исто така, на највисоката позиција во транспарентност кај комуналните претпријатија е кочански „Водовод“, со 67 проценти исполнетост, пред претпријатијата во Берово, Делчево и Зрновци.

Истражувањето на транспарентноста е вршено во текот на 2021 година, врз основа на утврдена методологија и структурирани прашалници за исполнувањето на обврските за активно објавување информации на веб-страниците на локалните самоуправи и на јавните комунални претпријатија. Основа за изработка на прашалниците во истражувањата се законските обврски на институциите за објавување информации од разни сфери што влијаат врз квалитетот на живеење и работење на граѓаните.

На тркалезната маса организирана од Здружението „ИНИ“ беа претстави дел од истражувањата, а со присутните претставници од единиците на локалната самоуправа и на комуналните претпријатија се дискутираше за состојбите во управување со човечки ресурси, транспарентност, отчетност и за дигитализацијата на јавните услуги.