Советот донесе одлука за сопствено учество во проектот „Изградба на препумпна станица за дел од системот Висока зона на притисок на град Кочани“, а со одлука одобри 100 илјади денари од постојаната буџетска резерва за 2022 година да бидат наменети за помош на загрозените во војната во Украина.
Членовите на Советот дадоа зелено светло за изменување на Програмата за изградба на објекти за домување на лица од социјален ризик за 2022 година, а ги усвоија и Завршна сметка на Буџетот на Општина Кочани за 2021 година, Годишниот извештај на Општина Кочани за 2021 година и Буџетскиот календар за 2022 година.
По едночасовна пауза, Советот ја продолжи и седмата седница, од чиј дневен ред беа повлечени четири точки поврзани со работата на КЈП „Водовод“. Советот даде поддршка на предлогот за организирање јавна трибина во врска со загаденоста на воздухот, водата и почвата, како последица од работењето на фабриката „Пејпр мил“ – со заклучок, трибината да се реализира најдоцна до 31 март оваа година.