Ученици, професори, членови на велосипедски клубови и многу љубители на велосипедот како превозно средство се вклучија во велосипедско дефиле низ Кочани, за да го одбележат претстојниот 22 септември, Светскиот ден без автомобили.

Организатори на дефилето се Спортскиот клуб „Тркало“ од ОУ „Раде Кратовче“, ОУ „Малина Попиванова“ како дел од веломрежата на Република Македонија, Здружението „Еко логик“, Швајцарската агенција за развој и соработка и Општина Кочани.

Во велосипедското дефиле се вклучи и градоначалникот на Кочани Николчо Илијев, кој повика жителите на Кочани што повеќе да се користат велосипеди наместо моторни возила.

– На симболичен начин повикуваме да ги користиме алтернативните превозни средства кои не ја загадуваат животната средина и придонесуваат за здрав живот. Урбанистички, нашите улици не се прилагодени за велосипедски патеки, и ние имаме задача во иднина, таму каде што можеме – да коригираме, да направиме велосипедски патеки, но и навреме да се планираат патеки и за новите улици. Така ќе можеме да придонесеме велосипедот да биде едно од помасовните превозни средства во нашата општина – изјави Илијев.

Директорот на ОУ „Малина Попиванова“ Благој Петров, како организатор на настанот, соопшти дека покрај велосипедското дефиле, во одбележувањето на „Неделата на мобилност“, се дистрибуираат летоци со пораки за користа од возењето велосипед, а во Трговскиот центар во Кочани учениците изработуваат цртежи преку кои се пренесуваат пораки за поздраво живеење без автомобили.