Од 19 септември, започна со работа Дневниот центар за лица со попреченост кој е сместен во Детската градинка „Павлина Велјанова“, во објектот кај Градскиот пазар.

На отворањето на оваа работна единица на Центарот за социјални работи од Кочани, присуствуваше министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која рече дека со ова ќе им се подобри квалитетот на живеење на лицата со атипичен развој, особено што ќе се избегне нивното секојдневно патување во соседните градови каде веќе работат слични дневни центри.

– Ние навистина започнуваме да создаваме услуги кон граѓаните затоа што вистинскиот систем на социјална заштита значи развој на социјални услуги блиски до граѓаните коишто го помагаат секојдневното живеење, a не само трансфер на средства. Тоа го создаваме со секој чекор и покажуваме дека ако отвориме центар, утредента кога ќе дојдете вратата нема да биде зклучена како што тоа било пракса порано, туку веќе лицата се вработени, децата се запишани со решенија преку Центарот за социјална работа и тој функционира со секојдневната поддршка на овие лица и семејства кои се згрижуваат тука. Мојата посебна порака е дека овие центри не се само за да ги сместиме лицата со атипичен развој, овие центри се отворени за сите лица кои што сакаат да споделат љубов, емоции и време со овие деца. Важно е и децата од центарот да ги изнесеме во општеството и да се социјализираат, зошто само така ќе им го подигнеме достоинството и ќе го едуцираме и еманципираме нашето население, рече Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика.

Дневниот центар во Кочани во моментот го посетуваат четири деца со попреченост, а максималниот капацитет е 20 лица и тој може да обезбедува услуги и за граѓаните од соседните општини.

– Во работата со лицата е предвидено да се работи индидвидуално и групно, но и советодавно планираме да работиме со нивните родители со цел за поефикасно извршување на оваа дејност – рече Кирил Ковачев, директор на Центар за социјални работи – Кочани.

– На овој центар се чекаше долго, од причини што сите добро ги знаеме, најпрво овој центар беше еднаш како ставен во функција, но како што гледате не функционираше толкав период и нашата одлучност да истраеме и да го ставиме во функција. На крајот, благодарение на Министерството и министерката за труд и социјална политика, еве денеска сме сведоци на отпочнувањето со работа на овој центар – рече Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

За почеток во Дневниот центар се вработени четири стручни лица, а според министерката Царовска, нивниот број ќе се зголемува како што ќе расте бројот на лицата што ќе бидат згрижени.

Објектот има засебен влез од западната страна и располага со две занимални, кујна и помошни простории.