Во тек се градежните работи од изградбата на уште еден километар од локалниот пат Крушка – Полаки.

Стручните служби од Одделeнието за уредување на градежното земјиште во Општина Кочани известуваат дека во моментот патот се проширува, се прават  атмосферски пропусти и се поставуваат рабници. Наскоро изведувачот „Коп инженеринг“ ќе започне со рамнење и поставување тампон, а работите се очекува да завршат според пропишаниот рок, до крајот на ноември.

Лани, Бирото за регионален развој ја финансираше изградбата на првата фаза од Крушка до Полаки, при што се асфалтираа 770 метри во руралниот дел на Кочани.

Втората фаза од локалниот пат од Крушка до селото Полаки повторно се реализира со финансиска поддршка на Бирото за регионален развој, кое одобри 3 милиони денари од мерката 323, од каде ќе се гради и патот од Крушка до месноста Ајдар.

Од оваа мерка, преку Центарот за развој на Источниот плански регион ќе се асфалтира и пристапниот пат од селото Оризари до манастирот „Пресвета Богородица“ во туристичката населба Добра Вода.

Годинава Општина Кочани ги доби сите аплицирани проекти од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, кои се одобрени со максимален учинок.