Изготвени се идејното решение и проектот за инфраструктура за пешачки мост на Кочанска Река, врз основа на кои избраниот изведувач „Еуро роад дизајн груп“ од Скопје ќе работи на подготовка на основен проект.
Мостот ќе има современ дизајн, челична конструкција со футуристичка линија, ќе биде поплочен со гранитни плочки. Тој ќе биде врска помеѓу Летната сцена на Центарот за култура „Бели мугри“ и источниот влез на Трговскиот центар. Ќе биде со широчина од 4 м и должина околу 21 м, со две проширувања во форма на лак и дополнителни елементи за осветлување.
– Сметам дека овој мост ќе биде естетско освежување на кејот на Кочанска Река. Тој и симболично, со неговото име „Пријателство“, и реално ќе поврзува две централни целини во градското подрачје. Едната е веќе реконструираниот Трговски центар, а другата Градскиот парк, кој допрва ќе се обновува. На тој начин ќе се создаде една урбана функционална целина – вели Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Со основниот проект за пешачки мост на Кочанска Река детално ќе се разработи конструкцијата, ќе се дефинираат нејзините профили и прецизно ќе се димензионира. Рокот за изработка на проектот е четири месеци.