Работната група од проектот „Добра земјоделска практика – богат биодиверзитет“, којшто веќе е навлезен во втората фаза, почна со подготовка на заклучоци и предлог-мерки што би се вклопиле во постојните законски прописи, а чија цел е намалување и спречување на палењето на сламата и жетвените остатоци во Кочанско.

На третиот работен состанок што се одржа на 22 октомври 2020 г., на кој претставниците од државните и локалните институции, од Центарот за развој на Источниот плански регион, невладини здруженија и земјоделци ги договараа можните решенија за ефикасно искористување на сламата и добивањето финансиска поддршка за набавка на механизација за нејзина преработка.

– Земјоделците од Кочанско сакаат да најдат решение за проблемот со третирањето на сламата, бидејќи се соочени не само со штетноста и загадувањето на животната средина по нејзиното палење, туку и со казнени мерки. Освен тоа, општините и шумските стопанства се соочени со големи финансиски трошоци за гаснење пожари во полскиот регион и во шумите, а сите граѓани мораат да ги трпат последиците од палењето на сламата и стрништата. Всушност, се пали нешто што може да биде драгоцен производ за развој на локалната економија, со оглед што тоа е суровина за производство на брикети и пелети за затоплување на домаќинствата, за производство на сточна храна или пак органско ѓубриво. Со тоа ќе се остваруваат и приходи, а ќе се заштедат и значителни финансиски суми за справување со штетите од палењето, истакна Панче Николов, земјоделски експерт во проектот „Добра земјоделска практика – богат биодиверзитет“.

Во почетокот на ноември ќе се одржи завршниот состанок на работната група на кој ќе се утврдат конечните предлози што како официјален писмен документ ќе бидат доставени до Министерството за земјоделство и до локалните самоуправи. Тие ќе содржат мерки за субвенционирање на набавката на специјална механизација за сечкање и преработка на сламата, како и вклучување во планските документи на општините што се однесуваат на решавање на проблемот со палењето на сламата.

Проектот „Добра земјоделска практика – богат биодиверзитет“ се спроведува во рамки на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а во координација со „Фармахем“ од Скопје.