Завршува уредувањето на крак од улицата „Роза Петрова“ со паркиралиште, во непосредна близина на станбениот комплекс во населбата Калиманова Глава.
Стручните служби од Општина Кочани известуваат дека деновиве се работи на асфалтирање и дека досега е поставен асфалт на околу 80 проценти од површината што се уредува. Заради оформување на местата за паркирање, претстои изградба на ниски оградни ѕидови. Потоа ќе следи асфалтирање на западниот дел од просторниот опфат, средување на атмосферски одводи на неколку позиции и оформување зелен појас.
Со проектот за уредување на кракот од „Роза Петрова“ се подобрува функционалноста на површина од 3 илјади квадратни метри, се олеснува сообраќајниот пристап за станарите од објектите за колективно домување и се добива паркиралиште со повеќе од 90 места.
Во наредниот период ќе се работи и на обновување на еден километар од коловозот на улицата „Роза Петрова“ од вкрстувањето со улицата „Ристо Симеонов“ до спојот со „Страшо Ербапче“, во близина на Општа болница. Од десната страна, во должина од 800 м, ќе се изгради тротоар, со што ќе се добие целосно уредена пешачка зона по должината на „Роза Петрова“.