Советот на Општина Кочани на втората редовна седница ги усвои новите развојни програми за претстојната 2022 година.

Според Програмата за уредување на градежно земјиште, во 2022 година ќе се наменат 39.700.000 денари за изградба на објекти од комунална инфраструктура со кои ќе се обезбеди непречен  пристап  до  градежната парцела од јавен пат и ќе се поставува  водоводна, фекална и атмосферска  канализација и друга  инсталација со приклучоци до  градежните  парцели.

Со Програмата за изградба на фекална и атмосферска канализација, во 2022 година се планирани 9.400.000 ден. за изградба на атмосферска канализација на улицата  „Стево Теодосиевски“, фекална и атмосферска канализација на улиците „Гемиџии“ и „23 Октомври“, во централното градско подрачје, Лесна индустрија – над каналот, во Оризари и на други локации.

Од Програмата за располагање со градежно земјиште, со која преку создавање просторни услови се овозможува обезбедување услови за социо-економски развој на општината, се очекува прилив во општинската каса од околу 45,5 милиони денари.

Според Програмата за изградба и одржување на општински патишта и улици, во 2022 година се планирани близу 52.000.000 денари за изградба, реконструкција и асфалтирање на улици, тековно и инвестициско и за зимско одржување општинската патна инфраструктура.

Од Програмата за јавно осветлување, разликата помеѓу планираните приходи од близу 25.000.000 ден. и расходите од  околу 10.000.000 ќе биде искористена за изградба на нови инфраструктурни проекти како и за одржување на јавното осветлување.

Советот на Општина Кочани го изгласа и ребалансот на Буџетот за тековната година.

Во образложението за измените, раководителот на Секторот за финансиски прашања, Дејан Рашков ја нагласи ваквата потреба поради намалената реализација на приходни ставки што повлекува намалување и на расходите.

Кај членовите на Советот најмногу дискусии предизвика планираната намена во максимален износ од 7.800.000 милиони денари за подмирувања долг за исплата на камати за училиштен превоз, наследени од изминатиот период. Измените и дополнувањето на Буџетот на Општина Кочани беа изгласани со 10 гласа „за“ и еден „против“.