Под мотото „Трка за лек“, настанот почна од Градскиот парк, каде поддржувачите и членовите на „Борка“ ги поздрави д-р Драгана Могилевска-Груевска, специјалист по радиологија во кочанската Општа болница.
– Грижата за здравјето нека почне од превентивата. Контролирајте се редовно и систематски, затоа што по пандемијата од ковид, се плашам дека може да зафати пандемија од карциноми. Добро е што пациентите полека се враќаат на редовните контроли, бидејќи факт е дека изминатиот период сите ги избегнуваа лекарските прегледи поради стравот од заразата со коронавирусот. Радува фактот што и младите девојки и момчиња доаѓаат на превентивни прегледи – истакна д-р Могилевска-Груевска.
– Сплотени поаѓаме на оваа „Трка за лек“ за да им помогнеме на оние кои поминуваат низ голготата, да им оддадеме почит на оние кои нè напуштиле, но и да упатиме апел до оние кои се здрави да се грижат за своето здравје – истакна Валентина Андонова, локална координаторка на „Борка“.
Од Градскиот парк „Розовата прошетка“ продолжи по улицата „Маршал Тито“ кон мостот кај Шопинг-центарот од каде, во знак на поддршка на сите што се борат против ракот на дојката, беа пуштени розови балони.
Настанот во Кочани се организира со поддршка од Општина Кочани, преку Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите.