Здружението „Борка – за секој нов ден“, в недела, на 26 септември во Градскиот парк во Кочани ќе ја одржи традиционалната Розова прошетка, која како и лани, наместо во Скопје, се организира на локално ниво, во 14 градови од нашата држава.

Под мотото „Трка за лек“, настанот ќе почне во 11 ч. од Градскиот парк, а ќе продолжи по улицата „Маршал Тито“ кон мостот кај Шопинг-центарот од каде, во знак на поддршка на сите што се борат против ракот на дојката, ќе бидат пуштени розови балони.

–  За време на пандемијата, на пациентите со карцином на дојка им е потребна поддршка повеќе од кога било. Овој проект, единствен од ваков вид, во себе ја содржи хуманата мисија за помош и поддршка на илјадници пациенти коишто се борат со ракот на градата, болест која одзема многу животи. Во настанот можат да се вклучат сите граѓани на Кочани, да бидеме сплотени и сите заедно да тргнеме на оваа  „Трка за лек“ за да им помогнеме на оние кои поминуваат низ голготата, да им оддадеме почит на оние кои нè напуштиле, но и да упатиме апел до оние кои се здрави да се грижат за своето здравје, затоа што само така ќе можат да споделат многу љубов со своите сакани подолго време – повикува Валентина Андонова, локална координаторка на „Борка“.

Розовата прошетка во Кочани се организира со поддршка од Општина Кочани, преку Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите.

Учесниците во „Трката за лек“, ќе добијат маичка со овогодишното лого. Настанот ќе се спроведе според протоколите за организација на јавни настани, за заштита на здравјето во услови на Ковид-19.