По одржаната трета седница на Локалното собрание на млади на Општина Кочани на 26 ноември 2021 година, од страна на членовите на Собранието беше изгласано повторно распишување на јавниот повик за пријавување членови на Младинскиот совет на Општина Кочани, поради недоволен број номинирани кандидати на претходно распишаниот јавен повик во јули годинава.
Новораспишаниот јавен повик за членови на Младинскиот совет на Општина Кочани ќе трае до 15 декември 2021 г. Во ова претставничко тело можат да членуваат младински организации, организации за млади, политички подмладоци, ученички организации, студентски организации, млади луѓе – жители на Кочани од 15 до 29 години и други облици на младинско здружување кои работат и функционираат на територија на општина Кочани.
Локалната самоуправа ги повикува сите заинтересирани млади кои ги исполнуваат наведените услови да се пријават на распишаниот јавен повик, бидејќи младинското здружување во едно општество е најмоќниот глас кон одредени промени и напредоци.
Потребните документи можат да се достават преку електронски пат, на e-адресата на службеникот за млади, Славица Давиткова – s.davitkova@kocani.gov.mk или преку Архивата на Општина Кочани (ул. „Раде Кратовче“ бр.1).
Локалниот младински совет има задача да ги штити интересите на младите луѓе од Кочани, ќе организира различни активности, политики и проекти кои ќе водат кон усовршување и подобрување на животот на младите во Кочани. По формирањето на советот на млади на Општина Кочани, предвидено е отворање на Канцеларија за млади, наменета токму за потребите и активностите на овој орган.