Општина Кочани распиша тендер за изградба на локалниот пат „Гоце Делчев“ за поврзување со селото Оризари и со регионалниот пат и град Кочани.
Станува збор за потпроект од Проектот за подобрување на општинските услуги, односно ИПА инвестициски грант на Република Македонија и Општина Кочани, за кој се наменети вкупно 315 илјади денари, од кои 260 илјади се ИПА-грант, а околу 56 илјади се од општинскиот буџет.
Проектот предвидува доизградба на улицата „Гоце Делчев“ во селото Оризари во должина од околу 743 м, со ширина на коловозот од 7 м и тротоари од двете страни на коловозот со ширина од 1,5 м, потоа изградба на потпорни ѕидови, пробивање на дел од улицата, подобрување на тлото на новопробиениот дел, тампонирање, поставување рабници, изградба на елементи за одводнување на атмосферската вода, асфалтирање и изградба на тротоари.
Со изведбата ќе се добие една целина што ќе овозможи подобра сообраќајна врска и подобар пристап за влез во Оризари и поголема безбедност на сообраќајот.
Процесот на понудување ќе оди преку процедурите на Светска банка. Објавата трае до 30 јануари 2017 година.