Градоначалникот на Општина Кочани го распиша конкурсот за доделување стипендии за студенти од општина Кочани за студиската 2015/2016 година, со кој се планира Општина Кочани да додели 20 стипендии за студенти од јавните високообразовни установи во Република Македонија, од кои една за студент од ромската етничка заедница.
Право на стипендија имаат студентите кои се жители на Општина Кочани, редовните студенти кои не повторувале година во текот на студирањето. Исто така кандидатите не треба да се корисници на стипендија или на кредит од други институции или компании.
Од критериумите за доделување стипендии, успехот носи најмногу 70 бода, материјалниот статус најмногу 20 бода, а пет бода добиваат децата на самохрани родители. Приоритет за добивање стипендија имаат децата кои до полнолетството престојувале во домови за згрижување во Република Македонија. Студентите од Градежен, Архитектонски, Геодетски и Технолошки факултет ќе добијат пет поени плус, бидејќи нивните струки, со одлука на градоначалникот, се утврдени за дефицитарни.
Пријавата и документите се доставуваат до Едношалтерската канцеларија на Општина Кочани или по пошта на адреса: Општина Кочани, ул. „Раде Кратовче“ бр. 1, Кочани, најдоцна до 26 октомври.
Условите и критериумите за доделување на стипендиите, како и начинот за пријавување се објавени на веб-страницата на Општина Кочани и на огласната табла пред општинската зграда.