Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Александар Стојановски го посетија Кочани и заедно со градоначалникот Ратко Димитровски направија увид на реконструкцијата на делницата на влезот во Кочани.

Станува збор за поставување нов асфалтен слој на делницата од крстосницата кон Подлог до објектот на „Македонијапат“ во должина од околу 1.100 метри и поправка на третата лента од правец на Кочани кон Штип со приклучокот кон надвозникот од магистралниот пат А3. За овој проект на Јавното претпријатие за државни патишта се наменети 8 милиони денари.

– Денеска официјално го распишавме тендерот за изградба на патот Кочани – Делчево, инвестиција вредна 10 милиони евра, околу 30 километри нова делница. Исто така, до крајот на годината ќе започнеме со нови патишта. Се работи за Штип – Кочани и Штип – Радовиш. Очекувам до крајот на годината да ги завршиме сите потребни постапки и документација за распишување тендер за градба и во првата половина на 2016 година да започнеме и официјално со градба. Со ова правиме целосно подобрување на инфраструктурата во целиот регион – изјави министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Директорот на ЈП за државни патишта, Александар Стојанов најави и подобрување на состојбата со патната сигнализација на постојната магистрала А3, на делот меѓу Штип и Кочани.

Според Стојанов, работите за реконструкција на коловозот на влезот во Кочани се во завршна фаза, односно по довршувањето на асфалтирањето ќе следува замена на оштетените сообраќајни знаци и банкини, како и обележување на хоризонталната сигнализација.