Општина Кочани го објави огласот за избор на изведувач за реконструкција на улицата „Роза Петрова“. Со преоектот е планирано обновување на еден километар од коловозот од вкрстувањето со улицата „Ристо Симеонов“ до спојот со улицата „Страшо Ербапче“, во близина на Општа болница.

Од десната страна на улицата ќе се изгради тротоар – на 800 м ќе бидат поставени бетонски павер елементи, со што целосно ќе биде уредена и пешачката зона.

„Роза Петрова“ е една од најфреквентните улици во Кочани која поврзува дел од неколку големи населби во градот: Текешински Лозја, Драчевик, Калиманова Глава и Валог. Изградбата на неколку нови колективни објекти за домување дополнително го зголеми нејзиното сообраќајно значење, а таа е една од комуникациските врски на западниот влез на Кочани со туристичкиот локалитет Пониква.  Со претстојната реконструкцијата ќе се поправат оштетувањата и ќе се подобри сообраќајната сигурност.

За реализација на овој проект е обезбедена финансиска поддршка од државата преку Министерството за локална самоуправа односно Бирото за регионален развој во висина од 5,5 милиони денари, а Советот на Општина Кочани донесе одлука за конфинансирање.

Службите за јавни набавки очекуваат постапката да заврши до крајот на август, а градежните работи на терен да почнат есенва.