По повод православниот празник Водици, од Крушарскиот Мост во Кочани, во организација на свештенослужителите од Црковниот храм „Св. великомаченик Георгиј“ беа осветени водите во Кочанска Река.
На свеченоста присуствуваше и Неговото високопреосвештенство митрополитот Брегалнички г. Иларион кој го изврши големиот богојавленски водосвет и го потопи светиот крст во Кочанска Река. На одбележувањето на празникот Водици присуствуваа и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.
Најсреќен од триесет и двајцата момци беше триесет и тригодишниот кочанец Горан Зашов, кому градоначалникот Николчо Илијев му подари златник, митрополитот г. Иларион – Библија, а доби и други пригодни подароци.
– За многу години и среќен празник на сите граѓани, ова е посебен ден не само поради чинот на осветувањето на водите туку и поради гостите што ги имаме за Богојавление- Водици и користам прилика да им се заблагодарам на премиерот Оливер Спасовски и на министерот Трајан Димковски кои со нивното присуство покажаа дека Истокот не е заборавен и дека ние како граѓани ја очекуваме нивната поддршка и во наредниот период – порача градоначалникот Илијев.
Градоначалникот Николчо Илијев присуствуваше и на осветувањето на водите во Тркање, каде дваесет и шестгодишниот Јовица Ефтимов го фати светиот крст.