В петок, на 27 април, во месноста Свиланово, во близина на кочанското село Рајчани, ќе биде одбележана 113-годишнината од загинувањето на големиот македонски револуционер, претседателот на Крушевската Република, Никола Карев.

По тој повод ќе биде промовирано спомен-обележјето на Карев изградено на местото на неговото загинување.

Проектот е финансиран од националниот буџет преку Програмата за развој на планските региони за 2017 година од Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој со кофинансирање од општините Кочани и Чешиново-Облешево и вкупно чини 5.647.000 денари.

На свеченоста се очекува да присуствуваат градоначалниците од Источниот плански регион и претставници од Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, како и делегација од Крушево и од семејството Кареви.