В петок, 2 октомври во 12 ч. во салата на Мултикултурниот центар во Кочани ќе биде промовирана монографијата „Кочанскиот ориз“ – издание на Општина Кочани.
Автори на монографијата се: проф. д-р Добре Андов, проф. д-р Даница Андреевска, проф. д-р Верица Илиева, Илинка Атанасова, Љубинка Ајтовска и Ванчо Петров- Фафа.
Издавањето на делото е по иницијатива на градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски, со цел на едно место да се обединат најразличните аспекти на производството на ориз кај нас, заедно со сите траги и белези што како култура ги оставил и остава во општествениот живот и во животите на поединците.
Делото е составено од 16 поглавја. Во четири од нив се обработува историјата и традицијата поврзана со оризот и оризарството, се опишуваат задругарството и пеработувачките капацитети во Кочанско. Во 10 поглавја научно е претставен оризот како земјоделска култура, начинот на неговото одгледување и постжетвениот третман. Во монографијата е опишана дејноста на Институтот за ориз во Кочани, а се застапени и содржини за манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ и рецепти за традиционални јадења од ориз. Делото содржи повеќе од двесте фотографии и речник на помалку познати зборови поврзани со оризарството.
Делото ќе го промовираат Емилија Симеоновска, професорка на Земјоделскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Родна Величковска од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје.
Присутните на промоцијата ќе добијат бесплатен примерок од монографијата „Кочанскиот ориз“.