На 2 октомври во салата на Мултикултурниот центар во Кочани беше промовирана монографијата „Кочанскиот ориз“, во издание на Општина Кочани.
Автори на монографијата се: Илинка Атанасова, Љубинка Ајтовска, Ванчо Петров- Фафа, Добре Андов, Даница Андреевска и Верица Илиева.
Според градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски, издавањето монографија посветена на белото злато е со цел на едно место да се обединат најразличните аспекти на производството на ориз кај нас, заедно со сите траги и белези што како култура ги оставил и остава во општествениот живот и во животите на поединците.
Во делото се обработува историјата и традицијата поврзана со оризот и оризарството, се опишуваат задругарството и пеработувачките капацитети во Кочанско. Во 10 поглавја научно е претставен оризот како земјоделска култура, начинот на неговото одгледување и постжетвениот третман. Опишана е и дејноста на Институтот за ориз во Кочани, а има и содржини за манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ и рецепти за традиционални јадења од ориз. Делото содржи повеќе од двесте фотографии и речник на помалку познати зборови поврзани со оризарството.
Делото го промовираа Емилија Симеоновска, професорка на Земјоделскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Родна Величковска од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје. Според нив монографијата за кочанскиот ориз обединува значајни искуства од производството, науката и праксата, па може да послужи и како корисен прирачник за производителите, агрономите и студентите.