На завршниот дел од манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“, пред многубројните посетители во Прибачево, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков зборуваше за постојаните напори на Владата во поддршката на оризопроизводството.

– Владата преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и досега ќе продолжи да го поддржува оризопроизводството преку директни субвенции од 1 000 денари, односно по 15 000 денари по хектар за оние што користат сертифициран семенски материјал.

Нашата основна цел и задача е во наредните 10 години преку инвестициите кои планираме да ги реализираме во рехабилитација на постојните и изградба на нови системи да ги вратиме сегашните 4 600 хектари на површините на кои некогаш се сееше оризот, односно на 8 до 9 000 хектари. Конкретно, во Хидромелиоративниот систем „Брегалница, во десетгодишниот период треба да бидат инвестирани скоро 80 милиони евра во 37 проекти – најави Цветков.

Министерот зброуваше и за капиталниот проект – изградбата за браната Речани, истакнувајќи дека целосно е отворен пристапниот пат до круната на браната Речани. Наскоро се очекува да почне и изградбата на браната која е во вредност од околу 40 милиони евра. Приоритетно ќе биде водоснабдувањето на граѓаните на Кочани, а ќе се наводнуваат и 3 200 хектари земјоделски површини. Цветков додаде дека во тек е постапката за објавување тендер за избор на изведувач за рехабилитација на каналот ГК 18 за кој се предвидени околу 80 милиони денари, додека на левиот канал, во моментов се врши проценка за негова санација.

– Ќе продолжиме да работиме на зголемување и на стабилизирање на приносите. Тоа го правиме стручно и постапно со воведување на високоприносни сорти кои се барани за извоз и кои носат поголеми приходи на производителите. Се надевам дека оваа, 2015 година на засеаните 4 850 хектари или 235 хектари повеќе од лани ќе се оствари производство од над 25 000 тони оризова арпа – рече министерот Цветков