Во рамките на манифестацијата „Избор на спортист на Кочани“, на 30 јануари во ресторанот „Аледар“ беше промовирана книгата „Гимнастиката во Кочани“ од авторите Ѓорги Тодосиев и Илинка Атанасова, издание на Општина Кочани.

На промоцијата беше истакнато дека идејата да излезе од печат ова дело беше на поранешниот гимнастичар, дипломиран педагог, човек кој целиот живот бил во гимнастиката – Ѓорги Тодосиев. Иницијативата – уредно докумeнтираните настани и податоци од неговата лична архива – да се дополнат со истражувања резултираше со уште едно дело за кочанскиот спорт.

Промоторот на делото, спортскиот новинар Миодраг Мицковиќ, рече дека станува збор за гимнастички алманах, преку кој читателите ќе се уверат во една богата историја не само на соколските друштва и гимнастиката, туку и на историјата на целото Кочани, на првите почетоци пред 100 години.

– Ќе видат со какви сè проблеми се судрувале тие луѓе, вљубеници во спортот и гимнастиката. Ќе се запознаат со многу веќе заборавени имиња на луѓе кои го трасирале трнливиот пат по кој се пробивал овој спорт во градот на оризот. Тие се вистински спортски херои кои заслужуваат почит за сè што го имаат направено за овој град, а тоа не е само гимнастиката – рече Мицковиќ.

На 168 страници, во четири поглавја, авторите Тодосиев и Атанасова успеаја да сместат повеќе од еден век од животот на гимнастиката во Кочани, почнувајќи од 1910 г. па до 2016 година.

„Гимнастиката во Кочани“ е прва книга на оваа тема во Република Македонија што дава дополнително значење како основа и поттик за натамошни прибирања и објавувања на податоците од овој трофеен кочански спорт.