– Наплатата на данокот на имот за физички лица во 2016 година е реализирана со 110 проценти и е поголема во однос на облогот – соопшти на прес-конференција градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски.

Според градоначалникот тоа се должи на информираноста на граѓаните за неопходноста од плаќањето на даноците заради нормално функционирање на Општината. Даночната дисциплина е резултат и на можноста за присилна наплата на долгот и со забрана за користење на средствата на даночниот обврзник од неговите сметки.

– Со решенија за данок на имот на правни лица лани биле задолжени 237 даночни обврзници. Од облогот – 3.853.206 денари се наплатени 75,6 % или 2.916.419 денари. Во споредба со 2014 година овој облог е зголемен за 1.169.385 денари, а наплатата за 241.175 денари. Во споредба со претходните две години, наплатените побарувања во апсолутен износ се зголемени за 1/3 (една третина) што е резултат на зголемувањето на облогот по основ на самопријавување и на новооткриени даночни обврзници како и со точно утврдување на вредноста на недвижниот имот на обврзниците. Овој тренд резултира со зголемување на облогот во 2017 година, во споредба со лани за 442.446 денари – рече Димитровски.

Лани 2. 030 обврзници биле задолжени со решенија за комунална такса-фирмарина од кои 1. 604 се правни лица, а 426 се самостојни вршители на дејност. Висината на облогот е 9.405.000 денари, од кои се наплатени 44 % или 4.140.607 денари.

На крајот на прес-конференцијата градоначалникот Димитровски соопшти дека за 2017 година се изработени 11. 639 решенија за данок на имот на физички лица, од кои повеќе од половината се доставени до обврзниците. Тој апелира граѓаните да си ја исполнат својата даночна обврска за да се овозможи подобро функционирање на општината.