Градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски оствари средба со Франсоа Саламе, висока претставничка на SECO за Југоисточна Европа.
На средбата се разговараше за еден од проектите што е особено важен и за Кочани и за Швајцарскиот секретаријат за економски прашања – проектот за изградба на пречистителна станица за третман на отпадните води во Кочани, најголем во сите 19 земји каде што SECO реализира проекти.
Акцент на средбата беше ставен на подготовките коишто веќе се завршени, на почетокот на реализацијата, но и на одржливоста на проектот.
Проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води се реализира со грант од 21 милион швајцарски франци од Владата на Швајцарија и со близу 2 милиона евра од Буџетот на Република Македонија. Партнери во реализирањето на проектот се Општина Кочани и КЈП „Водовод“, за чии идни генерации ќе се обезбеди капитален објект за заштита на животната средина.
Рокот за завршување на пречистителната станица е до декември 2018 година.