Деновиве се набавени десет контејнери со капацитет од 1,1 м3, кои ќе бидат поставени на различни локации на потегот од Шумската куќичка „Пашаџиково“ до Рекреативниот центар „Пониква“ на Осоговските Планини. Просторот околу контејнерите ќе биде заштитен, со цел да се намали можноста за разнесување на сметот наоколу.

Новата комуналната опрема за отпад на Пониква е дел од проектот „Планински велосипедски рај“, со кој се врши обновување на Планинарскиот дом и се пробиваат велосипедски патеки во вкупна должина од 35 км.

Стручните служби информираат дека изминатиов период заврши реконструкцијата на кровот. На меѓукатните конструкции над подрумот и приземјето е поставена армирачко-бетонска конструкција, подготвен е простор за парно греење и набавена печка на пелети. Во тек е финалната обработка на подовите со керамички плочки. Вградена е ПВЦ-браварија со термопан стакло, а објектот добива надворешна и внатрешна термичка изолација.

–  Имаше неколку застои во реализацијата на градежните работи. Сега тие се на самиот крај. Настојуваме да ја оствариме целта на проектот, односно да развиеме едно уникатно планинско авантуристичко искуство што се овозможува со изградба и обновување на велосипедски планински патеки и на Планинарскиот дом, но да овозможиме развој и на други услуги за поддршка на овој вид туризам – истакнува градоначалникот Николчо Илијев.

Работите од проектот „Планински велосипедски рај“ се изведуваат со средства од подгрантовата шема на проектот „Локална и регионална конкурентност“, финансиран од ИПА 2 доверителскиот фонд на Европската Унија, администриран од Светска банка.

По завршувањето на патната инфраструктура кон Пониква и реконструкцијата на ски-лифтовите, ова е третиот крупен проект за развој на туризмот на Осоговските Планини.