Како пред дваесетина години, Споменикот на слободата оживеа со актерите и публиката дојдена да ја проследи театарската претстава „Солун, град на духови“, во режија на Слободан Унковски.

Актерската екипа составена од Симона Димковска, Ивана Павлаковиќ, Наталија Теодосиева, Стефан Вујисиќ, Мартин Манев, Горан Ников и Владимир Петровиќ го прикажа Солун низ објективната хроника на животот и случувањата во текот на пет века: од турското освојување во 1430 година, па сè до депортацијата и холокаустот на 45.000 солунски Евреи во логорот Аушвиц.

Во многубројната публика на Споменикот на слободата во Кочани, беа и сопругата и ќерката на уметникот и автор на кочанскиот мозаичен монумент, Глигор Чемерски, Рајна и Елена Чемерски, кои заедно со Општина Кочани се едни од двигателите за заживување на овој простор како културна сцена.

Со таа цел, покрај театарската претстава „Солун, град на духови“, изминативе неколку дена на Споменикот на слободата беа реализирани и Freedom music festival, како и форумот на тема „Младинските перспективи за локален развој“.

Театарската претстава ја организираа Општина Кочани и Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Скопје.