В четврток, на 13 април, со почеток во 10:45 ч., во Градскиот парк, основните и средните училишта од Кочани, под мотото „Сподели радост“, со пригодна претпразнична програма и Велигденски базар ќе дадат придонес во одбележувањето на најголемиот христијански празник – Велигден.

На Велигденскиот базар учениците од ОУ „Свети Кирил и Методиј“ и „Малина Попиванова“ ќе наменат за продажба свои изработки, а собраните средства од продажбата ќе бидат наменети за збогатување на програмските содржини од овогодишниот Велигденски хепенинг.

Огромен придонес во одбележувањето на Велигден годинава дадоа учениците и менторите од машинската струка од СОУ „Гошо Викентиев“, кои го изработија најголемото велигденско јајце во Македонија, поставено во Градскиот парк.

Свој придонес во збогатувањето на велигденската програма ќе дадат: Приватната детска градинка „Амичи“, ЈОУДГ „Павлина Велјанова“, ОМУ „Ристо Јуруков“, СОУ „Љупчо Сантов“, ОУ „Крсте Петков Мисирков“, „Раде Кратовче“ и „Малина Попиванова“, кои ќе настапат на платото пред Центарот за култура „Бели мугри“.

Програмата ќе трае до 14 часот.