Првото новороденче во Кочани во Новата 2018 година е машко, кое се родило неколку часа во Новата година. На свет го донела Тања Атанасова од Зрновци.

Породувањето го извршил доктор Фонзи Јуруков, кој истакна дека е родено здраво машко дете со тежина 3,8 кг и должина од 55 сантиметри. Раѓањето поминало во најдобар ред, а родилката и бебето се во добра состојба.

Во пресрет на Новата година, акушерскиот тим имал полни раце работа, зашто претходно, пред полноќ се родиле уште две деца, едно машко и едно женско бебе.

Традиционално, првото новороденче го посети градоначалникот Николчо Илијев. Врачувајќи ѝ на мајката пригоден подарок, ѝ ја честита рожбата, посакувајќи ѝ нејзе, на на бебето и целото семејство, многу здравје и среќа. Подароци добија и другите новороденчиња во Одделението.

Бебето и мајката добија цвеќе, подароци и желби за среќа и здравје и од раководството на болницата и од кочански фирми.

Минатата година, како и пред неа, во кочанското Акушерско одделение се родиле околу 200 деца. Според д-р Фонзи Јуруков, тоа е оптимална бројка, со оглед на кадарот и условите со коишто моментно располага Општа болница во Кочани.