Со Договор за јавна набавка, склучен на 5 октомври 2017 година, Општина Кочани набави станица за полнење на електромобили и електричен скутер.

Барањето за оваа набавка е поднесено на 15 мај 2017 г., а јавната набавка е составена од два дела.

Договорот за станицата е склучен со „Фибернет м-к“, а за скутерот со „КМГ ЕОЛ Квазар“, со учество на тројца понудувачи за станицата односно двајца за скутерот, според најниска цена постигната со електронска аукција.

Станицата за полнење на електромобили чини 301.490 денари, а електроскутерот 246.738 денари, или вкупно 548.228 денари. Средствата за реализација се од Буџетот на Општината.

Набавката на станицата и на електромобилот е „заради подобрување на квалитетот на граѓаните на локално ниво, со намалување на штетните гасови, намалување на урбаната бучава, заштитеноста на почвата и водата, помали трошоци за одржување и пониска цена на погонското гориво, како и актуелниот развој на автомобилската индустрија.“

Од технички аспект, станицата за полнење електромобили е уред со веб-апликација, со RFID-картички со коишто располага Општината со кои се овозможува пристап за полнење. Станицата има два излеза што значи едновремено може да се полнат два електромобила.

Електричниот скутер, пак, се полни преку адаптери на обичен штекер и со едно полнење кое трае од 7 до 8 часа може да помине околу 80 км.

Општина Кочани е една од ретките во државава која набави станица за полнење на електромобили и електричен скутер.