Одбележувањето на патрониот празник на ООУ „Никола Карев“ годинава беше под знакот на поставувањето на спомен-обележје во училишниот двор.
– Од 1993 година нашето училиште го носи името на Никола Карев. Нам ни припадна честа да ја реализираме иницијативата да се постави спомен-обележје во кругот на училиштето. Бистата ја изработи и ја донираше скулпторот Борче Србиновски, за што упатуваме голема благодарност – истакна Александар Андов, директор на ОУ „Никола Карев“.
На откривањето на бистата на Карев присуствуваа ученици, вработени, граѓани и претставници од централната и локалната власт, кои положија свежо цвеќе и му оддадоа почит на големиот македонски револуционер.
Ученици од подрачното училиште во с. Тркање приредија рецитал, а делегации од Општина Кочани, Советот на Општина Кочани и од училиштето положија свежо цвеќе и на спомен-обележјето на Никола Карев на влезот во Кочани.
Делегации од општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево, претставници на Патриотскиот институт „Гоце Делчев“ и на политички партии, граѓани и функционери го посетија спомен-обележјето на Никола Карев во месноста Свиланово, во близина на селото Рајчани. Тие положија свежо цвеќе и се поклонија на местото каде што загинал Карев.