Со воведување во работите на избраниот изведувач „Анол импекс“ од Скопје, официјално започнува реконструкцијата и адаптацијата на Мултикултурниот центар во Кочани.
– Градежните работи предвидуваат хидроизолација, комплетно нов водовод и канализација, нови ПВЦ врати и прозорци, целосна промена на кровот, термичка фасада, молеро-фарбарски работи, оспособување на таванскиот простор за потребите на Центарот, нови подови, промена на осветлувањето на објектот, нова сигурносна и видеоопрема, противпожарна и громобранска инсталација. Градежните работи чија вредност е во износ од 261 894 евра треба да завршат за 14 месеци – соопшти Драгица Здравева, раководителка на Центарот за развој на Источниот плански регион.
Во реализацијата на проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“, водечки партнер е Центарот за развој на Источниот плански регион, заедно со општина Гоце Делчев од Бугарија, која се јавува како втор проектен партнер. Средствата што ги има на располагање Центариот за развој на ИПР се во висина од 315.825 евра, од кои Општина Кочани учествува со 65 илјади евра.
– Овој објект има културно-историско значење и задоволен сум што конечно започнува неговата реконструкција. Планирано е во овој објект да бидат внесени повеќе здруженија и активности од различен карактер. Ова е еден од проектите со кои ние ја покажуваме нашата невосмислена определба за приоритетот што го даваме во решавањето на инфраструктурните потреби на граѓаните – изјави Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Проектот има значајно влијание врз заедничкото претставување на традиционалното и културното наследство како алатка за развој на одржлив туризам во прекуграничниот регион преку популаризација на традиционалните вредности и културното наследство.
Со реализација на овој проект ќе се направи осовременување на постојниот Мултикултурен центар и ќе се обезбеди развој на креативниот туризам.
Проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“, кој е финансиран од ЕУ, во рамките на вториот повик на ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Македонија.