Со физичко присуство и под посебни здравствени протоколи од денеска, за 3850 ученици почна новата учебна година во Кочани.

Првите прозивки и средби на 307 првачиња со наставниците беа на отворено, во школските дворови.

По една и пол година онлајн настава поради здравствената криза, училиштата подготвени ги пречекаа учениците, со дезинфицирани простории и реконструирани училници. Во петте основни училишта настава ќе следат 1 217, а во двете средни училишта – 2 633 ученика, од кои 288 се во прва година. Во посета на сите училишта во Кочани беше градоначалникот Николчо Илијев, кој честитајќи им го почетокот на новата учебна година, од учениците побара да бидат одговорни и совесни, внимавајќи на сопственото и на јавното здравје.

– Учебната година ја почнуваме во услови на пандемија, а училиштата се подготвени за новиот почеток. Нови се програмите во прво и во четврто одделение за кои училиштата ги обезбедија неопходните наставни средства согласно  барањата од Министерството за образование и наука. Од оваа учебна година во средното образование за првпат имаме дуални паралелки и соработка со локални компании, за што, на наше задоволство учениците покажаа голем интерес – истакна градоначалникот Илијев.

Двете нови дуални струки  во „Љупчо Сантов“ се бизнис-администратор и хемиско-лабораториски техничар, а во СОУ,,Гошо Викентиев“ трите дуални паралелки се од постојните струки.

Доколку се влоши епидемиолошката состојба во државата, физичкото присуство на настава ќе се замени со други модели.