Општина Кочани го објави огласот за ангажирање невработени лица во програмата Општинско-корисна работа – проект „Добра волја“. Работните позиции кои се опфатени со овој оглас се однесуваат на ангажирање седум лица, и тоа двaјца образовни асистенти во основните училишта „Никола Карев“ и „Раде Кратовче“ и петмина придружници односно помошници на стари и изнемоштени лица во градот Кочани и руралните делови во општината.
Со огласот се повикуваат сите евидентирани невработени лица кои се заинтересирани за работно ангажирање со скратено работно време за период од шест односно девет месеци заради стекнување вештини и постепено вклучување на пазарот на труд, да се пријават во Агенција за вработување – Центар за вработување Кочани.
Вклучените лица ќе имаат скратено работно време од 20 работни часови неделно, а за време на работниот ангажман статусот на невработените лица ќе остане непроменет, а на корисниците на социјална помош ќе им биде активно правото на користење на социјална помош.
Право на учество во Општинско-корисна работа имаат сите невработени лица, при што предност ќе имаат лицата кои се јавуваат прв пат. Исклучок од ова ќе бидат лицата кои работеле минатата година како образовни односно лични асистенти.
Огласот трае до 16 август, период во кој заинтересираните лица треба да се пријават во Центарот за вработување во Кочани.
Досега Општина Кочани има реализирано шест проекти од програмата Општинско-корисна работа, во кои вкупно биле ангажирани 61 лице.
Општинско-корисна работа се реализира во соработка помеѓу Агенцијата за вработување, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Општина Кочани, а се финансира од Буџетот на Агенцијата за вработување.