На Пониква, од 5 до 8 август, во организација на Здружението на граѓани „Еко Логик“ и  Канцеларијата во Скопје на Фондацијата  „Фридрих Еберт“,  се реализира Камп за одржливост.  Учесници се триесетина средношколци кои доаѓаат од различни места во државата, но и од различни образовни насоки.

– Кампот за одржливост којшто овој пат се одржува на Пониква има за цел, преку интерактивни сесии, методи и механизми, да ги запознае средношколците над 16 години со целите за одржлив развој, добро познати од Агендата на Обединетите нации 20-30. Осознавајќи ги целите, тие ќе имаат можност подиректно да дејствуваат во средината во којашто живеат, во училиштата, општината, како и нивната поширока заедница – соопшти Ивана Вучкова од Канцеларијата на ФЕС во Скопје.

Во рамките на програмата, Владо Филипов од Одделението за локален економски развој во Општина Кочани ги претстави потенцијалите за екотуризам на Пониква. Со учесниците се дискутираше и за предизвиците со кои се соочува Турситичкиот инфоцентар „Пониква“, кои пак, можат да се подобрат со дејствувањето на младите луѓе и да се унапредат во идни можности и негова понатамошна промоција.

Организаторите на Кампот за одржливост истакнаа дека изборот на локацијата за одржување на кампот бил пред сè  поради изобилството можности за развој што ги нуди Пониква, а во пошироки рамки и Осоговските Планини.