Во рамки на четиридневната манифестација, во салата на Мултикултурниот центар во Кочани се одржа литературна средба на писателот Горјан Петрески со читателската публика од Кочани. На средбата присуствуваше и македонскиот пијанист со светско реноме, Симон Трпчевски, кој е инспирација за главниот лик во делото „Сама“ на Петрески.
– Со литературната средба на тема „Љубовта кон зборот и музиката остава трајни вредности во културата“ сакаме да ги афирмираме трудољубивоста, доследноста и упорноста и да придонесеме за правилен образовен, културен и социјален развој на децата и на младите, истакна Магдалена Кочовска-Салтирова, координаторка на проектот.
Пијанистот Трпчевски пред младата читателска публика нагласи дека најголемата поддршка во животот се родителите и топлата семејна атмосфера во која детето може да израсне во стабилно човечкото суштество.
– Среќен сум што целото образование го комплетирав во Македонија, од неа тргнав и го освоив светот. Благодарен сум на иницијативата за оваа средба, за да им помогнеме на младите полесно да се пронајдат себеси. За тоа е потребно избистрување на желбата, истрајна работа и посветеност и постојано да се трудат да ги остварат сопствените цели – истакна Трпчевски.
Писателот Горјан Петрески упати благодарност за можноста да учествува на манифестацијата во Кочани и притоа да биде во друштво со главниот лик во својот роман.
– Во Кочани секогаш ми е прекрасно, па дури и во ова пандемиско време. Да не беше вакво времето, којзнае каде по светот ќе беше Симон Трпчевски, ама во секое лошо има и добро, а добро е што сега е овде со нас. Тој е генијалец кој стои на цврста подлога, а јас бев првиот што го откри – истакна Петрески.
Во програмата на Фестивалот е предвидено во наредните три дена да се одржат промоции на дела за деца од разни издавачки куќи, средби со илустратори и познати автори, а ќе бидат доделени и наградите од литературниот конкурс „Музиката на зборовите“.
Одбележувањето на Меѓународниот ден на литературата за деца се спроведува со почитување на протоколите за културни настани во период на здравствена криза, поради што бројот на учесниците е ограничен.