Во наредните шест месеци петнаесет невработени лица на возраст од 27 до 64 години ќе бидат ангажирани во Програмата за општинско корисна работа, којашто се спроведува преку УНДП и Министерството за труд и социјална политика.
– Шестмина ќе работат со деца од претшколска возраст од кои четири негователки во Детската градинка, а две во новиот воспитно-едукативен центар во Тркање. Шест лица ќе помагаат на стари и на лица со хендикеп. Две лица ќе работат во Центарот за донации на Здружението „Благородна мисија“, а едно лице ќе биде ангажирано за помош во народната кујна – информираше Аника Илијевска Ѓорѓиева од Општина Кочани.
За овој проект се одобрени 558 илјади денари, а лицата ќе работат по шест часа дневно за 6 200 денари.
Градоначалникот Ратко Димитровски истакна дека е задоволен што оваа година е најголем бројот на ангажираните, затоа што праксата покажала дека по завршувањето на проектот, лицата наоѓаат постојана работа.
Програмата за општинско корисна работа во Кочани се реализира по четврти пат.