Со приказот на традиционалната жетва на ориз, симболично беше означена жетвата на оризот во Кочанско. Обичајот се изведе на земјоделска површина на Институтот за ориз во Кочани. Повеќе генерации играорци, членови на фолклорни состави во носии и со песни жнееја со срп. Манифестацијата ја следеа гости од земјава и од странство, членови на фолклорни друштва од Балканот.

Првата оризова ракатка ја зажнеја овогодишната жетварска убавица Ангелина Димитрова со нејзините две придружнички.

Градоначалникот Ратко Димитровски истакна дека манифестацијата од година во година бележи раст и очекува и понатаму да биде во подем и да донесува гости од земјава и од странство.

На традиционалната жетва на ориз присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кој најави зголемување на субвенциите од 18 илјади денари по хектар засеана површина со ориз, односно дополнителни 18 илјади денари на постојните субвенции по хектар.

Николовски истакна дека досега за мерката засеана површина со ориз се исплатени 80 милиони денари субвенции и дополнителни 15 милиони денари за произведена и предадена арпа.

– Во рамки на соработката на земјите од Централна и Источна Европа со Народна Република Кина формирана е Асоцијација за промоција на земјоделството со седиште во Софија, во која членува и Република Македонија. Токму преку Асоцијацијата, во наредниот период се планираат неколку проекти меѓу кои за нас е многу значаен проектот за поставување демонстративно поле за одгледување нови хибридни сорти ориз со потекло од Кина, кои се карактеризираа со висок квалитет и значително поголеми приноси – најави Николовски.

На манифестацијата присуствуваше и амбасадорката на НР Кина во Македонија, Јин Лишјан и амбасадорот на Република Унгарија во Македонија, Ласло Дукс.