Синоќа, во салата на НУ Центар за култура „Бели мугри“ во Кочани започна шеесеттото издание на Драмскиот аматерски фестивал – Кочани, Македонија.

Фестивалот го отвори градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов, кој го истакна значењето на ДАФ за Кочани и на драмскиот аматеризам како јадро на професионалната театарска сцена.

Во своето обраќање пред присутните, претседателката на ДАФ Кристина Атанасова Арсова говореше за предизвиците на театарската уметност во времето на дигитализацијата, притоа испраќајќи ја пораката дека Драмскиот аматерски фестивал докажува дека театарот е жив.

На свеченото отворање, Управниот одбор на ДАФ им додели благодарници на градоначалникот Љупчо Папазов и на Благој Пенов за поддршка и особен придонес во развојот на фестивалот.

Шеесеттиот ДАФ започна со театарската претстава „Синиот протокол“ на велешкиот театар „Јордан Хаџи-Константинов-Џинот“. Претходно, во Паркот на Револуцијата беше прикажан театарско-музичкиот перформанс „Театарот е жив“.

ДАФ ќе заврши на 28 мај, со доделување на наградите за најуспешни улоги, режија,  нови сценски изразни средства и експериментирање, како и на специјалната награда „Васил Ќортошев“.