На надморска височина на околу 1600 м, на Осоговските Планини, со проект на Центарот за развој на Источниот плански регион поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка преку Програмата за зачувување на природата е изграден Туристичкиот инфоцентар „Пониква“.
На промоцијата на Инфоцентарот „Пониква“, во присуство на заменик-амбасадорот на Швајцарија Стефане Томажиан, амбасадорот на Европската Унија Самуел Жбогар и на министерите за локална самоуправа и за земјоделство, Сујхел Фазлиу и Љупчо Николовски, беше истакнато значењето на проектот за регионот.
– Инфоцентарот ќе придонесе кон промоција на природното богатство од Регионот и начините на неговото одржливо управување и користење, ќе даде значителен придонес и кон подигање на свеста за зачувување на природата и за збогатување на туристичката понуда на Источниот плански регион, со негово интегрирање со веќе познатите туристички атракции. На ваков начин, функционирањето на Инфоцентарот ќе придонесе и кон поддршка на локалниот економски развој – рече во обраќањето претседателот на Источниот плански регион и градоначалник на Кочани, Николчо Илијев.
На промоцијата, во дворот на Инфоцентарот „Пониква“ се вклучија и членовите од Извидничкиот одред „Ластовица“, со демонстрација на своите вештини.
Инфоцентарот „Пониква“ е изграден со реконструкција на стар воен објект, кој еден период функционирал како воена болница. Во првата фаза од проектот поддржан од SDC, извршена е реконструкција на зградата од фасада до внатрешно уредување.
На првиот кат во објектот туристите може да добијат информации, мапи, летоци и други печатени и промотивни видеоматеријали, сувенири за продажба. На катот е сала за состаноци и семинари и која може да се изнајмува, а средствата треба да се користат за одржување на центарот.
Со втората фаза е извршено надворешно уредување и дворот е наменет за интеракција на туристи, има инфотерминал и место за одмор.