Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ го прими новото возило, „канал-џет“, донација во рамките на Проектот за третман на отпадните води – Кочани, кој е финансиран од Владата на Швајцарската Конфедерација, Министерството за животна средина и просторно планирање на Р Македонија и Општина Кочани.

Возилото е специјализирано за чистење на канализациската мрежа и со неговата набавка се олеснува нејзиното одржување и се овозможува нејзино нормално функционирање.

– Се работи за возило „канал џет“ што досега го немавме, па плаќавме високи суми за негово изнајмување од другите комунални претпријатија во државата. Тоа ќе ни овозможи полесно и поредовно одржување на канализациската мрежа, а истовремено значително ќе ги намали трошоците во работењето, истакна Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“.

Од Швајцарскиот секретаријат за економски прашања – СЕКО, преку кој се реализираше донацијата, рекоа дека е важен секој сегмент во третманот на отпадните води.

– Заради нормално одржување на системот за пречистување на отпадните води неопходна е соодветна опрема и веруваме дека ова возило ќе помогне за таа цел. Се работи за современо возило што го има само во неколку градови во Македонија, а наша цел е со донацијата да им помогнеме на општините што гравитираат во регионот околу Кочани, истакна претставникот на СЕКО, Клиф Хамер.

Кочанското комунално претпријатие досега располагаше само со две постари возила со кои се одржуваше канализациската мрежа, а поради честите дефекти услугите се извршуваа нередовно и со тешкотии.

Од „Водовод“ апелираат за совесно однесување на граѓаните, затоа што, според нивното искуство во канализациската мрежа завршувале многу несоодветни предмети од домаќинството кои предизвикувале сериозни проблеми при одводот на отпадната вода.