Дополнителниот заменик-министер за труд и социјални работи, Диме Спасов во кочанската населба Оризари свечено ја отвори детската градинка „Кокичиња“, клон на Детската градинка „Павлина Велјанова“ од Кочани.

– Барањата на жителите на Оризари за отворање на ваков објект датираат од поодамна. Еве сега ја реализиравме нивната желба. Во момоментот овде се згрижени 33 деца, а капацитетот е за педесет. Верувам дека овој објект навистина ќе им помогне на сите родители што имаат деца на таа возраст и оти ќе одат на работа безгрижно, затоа што децата веќе се соодветно сместени, изјави Спасов.

Градинката е со вкупна површина од 250 метри квадратни, има две занимални, секоја со свој санитарен јазол, просторија за дистрибуција на храна, канцеларии, остава, подрумски дел и дворна површина за игра на децата на отворено.

Во реконструираниот и адаптиран објект во Оризари, Министерството за труд и социјална политика и Општина Кочани вложија три милиони денари.

На отворањето на објектот „Кокичиња“ градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски, истакна дека по селата Бели и Оризари, детска градинка ќе добие и кочанското село Тркање.