Општинскиот кризен штаб – Кочани ја одржа петтата седница на која беше разгледана актуелната состојба, реализацијата на препораките и мерките за заштита од коронавирусот во претходниот, како и неопходните активности за претстојниот продолжен викенд, кој е воедно и период на мерки за ограничено движење.
На подрачјето што го покрива Центарот за јавно здравје, досега се евидентирани 26 заболени од КОВИД-19, 72 лица се во самоизолација, четири лица се излечени и едно е починато. Во просек се вршат 15 тестирања на ден. Директорот на Центарот за јавно здравје, Гоце Серафимов истакна дека будно се следи ситуацијата и со здравствените работници, а установите се подготвени да одговорат со неопходниот кадар.
Во наредниот период полициските служби ќе продолжат да го регулираат протокот на возилата на местата со подолги застои, особено во близина на верските објекти, и таму каде што доминираат зелените пазари и големите маркети. За да се воспостави ред и да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот ќе бидат ангажирани редари, волонтери од општинскиот Црвен крст и други служби кои на локациите каде што се пазарува ќе ги предупредуваат граѓаните за неопходното меѓусебно физичко растојание и за носењето заштитни маски и ракавици и на другите мерки за заштита од заразата.
За претстојниот викенд затворени за посетители се излетничките места на браната Гратче, Бавчалук, Гоцева Шума, како и на Пониква. Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев потсети дека е недозволиво групирањето и собирањето на излетничките и на рекреативните места.
За да не се повтори состојбата од претходниот викенд, кога беше регистрирано енормно користење на водата од Градскиот водовод, беше упатен апел за рационално трошење на водата, која пред сѐ е наменета за пиење и за одржување на личната хигиена.
Од Општата болница со проширена дејност во Кочани апелираа до пациентите да не ги злоупотребувааат здравствените упати за излегување од дома во време на забраната за движење, како и да ги почитуваат протоколите за телефонски контакт со матичните лекари.
– Во претстојниот 85-часовен период на изолација, најважно е максимално одговорно секој од нас да ги почитува мерките и препораките за заштита од коронавирусот, секој од нас да даде придонес за зачувување на личното, а со тоа и на јавното здравје -апелираше по седницата градоначалникот Илијев.