Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, го распиша конкурсот за доделување стипендии за студенти од општина Кочани за студиската 2017/2018 година, со кој се планира Општина Кочани да додели 25 стипендии за студенти од јавните високообразовни установи во Република Македонија, од кои една за студент од ромската етничка заедница.

Право на стипендија, чиј месечен износ е 2.500 денари, имаат студентите кои се жители на Општина Кочани, редовните студенти кои не повторувале година во текот на студирањето. Исто така кандидатите не треба да се корисници на стипендија или на кредит од други институции или компании.

Од критериумите за доделување стипендии, успехот носи најмногу 70 бода, материјалниот статус најмногу 20 бода, а пет бода добиваат децата на самохрани родители. Приоритет за добивање стипендија имаат децата кои до полнолетството престојувале во домови за згрижување во Република Македонија.

Студентите на Технолошки факултет, Ветерина, Хемија, Биологија, Текстилно инженерство и на Факултетот за музичка уметност – виолина и виола, ќе добијат пет поени плус, бидејќи нивните струки, се утврдени за дефицитарни. Одлуката на градоначалникот за дефицитарните кадри е донесена според потребите констатирани од Агенцијата за вработување – Кочани.

Пријавата и потребните документи се поднесуваат до Едношалтерската канцеларија на Општина Кочани или по пошта на адреса: Општина Кочани, ул. „Раде Кратовче“ бр. 1, Кочани, најдоцна до 15 ноември.

Условите и критериумите за доделување на стипендиите, како и начинот за пријавување се објавени на веб-страницата на Општина Кочани и на огласната табла пред општинската зграда.