Општина Кочани во соработка со ромски граѓански здруженија денеска го одбележа 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите.
Во пресрет на празникот, на јарболите пред општинската зграда утрово беше кренато ромското знаме, а градоначалникот Љупчо Папазов оствари средба со претставници на ромската заедница, на која беше разговарано за политиките и надлежностите во кои треба да се зајакнува поддршката на Ромите, за што беше потпишан и меморандум за соработка.
Напладне, во малата сала на Мултикултурниот центар, под мотото „Заедно можеме“ се одржа културно-уметничка програма, на која свое обраќање имаше градоначалникот Папазов. Во рамките на програмата беше прикажана видеопрезентација за животот Ромите и беа доделени награди за најуспешните ученички ликовни и литературни творби по повод 8 Април.
Одбележувањето на празникот на Ромите продолжува со попладневна трибина за состојбите во ромската заедница.