На 27. редовна седница, Советот на Општина Кочани работеше по 42 точки. Со мнозинство гласови беше усвоена одлуката за проширување на Буџетот на Општина Кочани за 2023 година, со која се наменија 250.000 денари за учество на учениците од СОУ „Гошо Викентиев“ на Светското првенство за роботика. Со проширувањето на Буџетот се обезбедија средства и за реализација на активности од „Ромаектид“ – за  детско игралиште во месноста Колерски гробишта, како и за исплата на ментори и на тутори за деца коишто не го владеат македонскиот јазик. Советот ја усвои и одлуката за давање финансиска помош на Доброволното противпожарно друштво – Кочани; го усвои решението за дополнување на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на подрачјето на општина Кочани и донесе одлука за формирање Совет за женско претприемништво за општините Кочани, Виница и Зрновци.

Советот се произнесе позитивно и за одлуката за донесување Урбанистички план вон населено место со намена за површински соларни и фотоволтаични електрани во месности во Тркање и Бели.

Советот усвои повеќе извештаи за реализација на општински планови и програми за претходната година како и Предлог-правилникот за  уредување на поблиските услови, критериуми и начинот на доделување еднократна парична помош  на социјално загрозени лица  и лица  кои се  нашле  во положба на социјален ризик, со предлог – во Комисијата да се вклучат и двајца членови на Советот на Општината.

Од точките поврзани со работењето на КЈП „Водовод“ не беа усвоени завршната сметка; предлог-одлуката за утврдување месечен надоместок на претседателот и на членовите на Управниот одбор; Извештајот за работењето на КЈП „Водовод“ во 2022 година; а Советот даде поддршка на Ценовникот на услуги – како збирен документ на цените за вода, одведување и пречистување на водата, и на согласноста за измена и дополнување на Одлуката за основање на подружница на КЈП „Водовод“ – Кочани.

Советот расправаше и по предлози за начинот на одбележување на Денот на Ромите и за издвојување донации од месечниот надоместок на советниците за реализација на Велигденскиот хепенинг и за други хуманитарни активности.