Со музичко-сценски, литературни, ликовни и спортски содржини, Општина Кочани во соработка со институции, здруженија и поединци, од 8 до 16 јули ќе го одбележува Петровден, празникот на Кочани. Празничната програма ги опфаќа и традиционалните црковни настани, со кои се чествуваат апостолите Петар и Павле.
Програмата ќе започне со традиционалниот влашки фестивал „На Петровден сите на планина“, на 8 јули, на падините на Осогово. На 9 јули, под наслов „6 часа урбан здив“, во паркот на Градскиот базен ќе се одржи Третата регионална средба на љубители на винили, настан кој ќе биде придружен со концерти, настапи на диџеи и изложба на македонски музички плакати приредена од Владимир Мандичевски-Манде.
За љубителите на поезијата, определени се термини на 10 и на 13 јули, кога ќе биде промовирана стихозбирката „Кога ги мамев чувствата“ од Далибор Стојанов и ќе биде реализиран настан под наслов „Метрички карван 10: Гевгелија – Кочани“.
Во пресрет на Петровден, на 11 јули, во црквата „Св. великомаченик Георгиј“ ќе се одржи празнична вечерна богослужба на која ќе чиноначалствува митрополитот Брегалнички г. Иларион, потоа ќе има литија, кршење на славскиот колач и концерт на духовна музика. Вечерта во 19 ч., во просториите на ЈОУ Библиотека „Искра“, изложба под наслов „Св. Петар и Павле“ ќе има авторот Влатко Анчов од Кочани.
На 12 јули, во 8 ч., во црквата „Св. вмч. Георгиј“ ќе се одржи света божествена литургија со која ќе чиноначалствува митрополитот Брегалнички г. Иларион; во 11 ч. во МКЦ градоначалникот Љупчо Папазов ќе има средба со најдобрите ученици, а во 19 ч. ќе се одигра финалето и ќе бидат прогласени најуспешните од Петровденскиот турнир во мал фудбал. Во Паркот на Револуцијата концерт ќе одржи групата ДНК.
Според програмскиот концепт, од 7 до 14 јули во Градскиот парк ќе трае Петровденскиот хепенинг, кој ќе донесе дополнителни културно-забавни содржини и продажни штандови.
На 16 јули, ПСД „Осогово“ ќе реализира Петровденски планинарски марш на Осоговските Планини. Во чест на Петровден, во тек е и изработката на мурали со мотиви од Кочани, на ѕидови на улицата „Димитар Влахов“.