Градоначалникот Ратко Димитровски ги додели одлуките на првите корисници на новата помош во бебешки пакети за новородени од социјално загрозени семејства.

– Станува збор за еднократна помош за новороденчиња која се доделува најдоцна 3 месеци по раѓањето и важи за секое новородено дете од ранливите групи. Бебешките пакети се во вредност од 2 илјади денари. Помошта е предвидена со Програмата за социјална, детска и здравствена заштита на Општина Кочани за 2015 година. Деталите и начинот на доделување се дефинирани со Правилник донесен од градоначалникот на Општината, соопшти Димитровски.

Исто така, од оваа година е предвидена и мерката за стимул за стапување во брак на жители на Општина Кочани над 40 години. Со неа Општината доделува 30 илјади денари на едниот од сопружниците кој ги исполнува условите од Правилникот. Досега нема поднесено барање за овој вид помош.

Според градоначалникот Димитровски, не постојат пречки заинтересираните партнери да се јават во Општината и да ја добијат финансиската поддршка за почеток на заедничкиот живот.

– За нашите сограѓани кои склучуваат брак и се на возраст над 40 години едностави се условите, треба да бидат жители на општина Кочани и едниот од брачните другари да е постар од 40 години. Засега немаме пријавено ниту еден наш сограѓанин, но очекуваме дека после ова ќе се јават и ќе ја користат оваа парична социјална помош, рече Димитровски.