Со празнична литија, свечена седница на Советот на која беа доделени највисоките општински награди и со неколку културно-забавни активности, Општина Кочани по седми пат го одбележа празникот Петровден.

На свечената седница, пред присутните се обрати градоначалникот Ратко Димитровски, кој потсети на некои позначајни остварувања од работењето на оваа локална власт.

Наградата за животно дело годинава постхумно му беше доделена на магистер Иван Иванов, една од најмаркантните фигури во општествено-политичкиот живот на Кочани, на крајот на 20 век, долгогодишен директор на Индустријата за автомобилски делови „Руен“, претседател на Извршниот совет на Кочани, пратеник во Собранието на Република Македонија.

Наградата за значајни остварувања во развојот на Кочани, која изнесува пет просечни плати во државава, ја доби ликовниот уметник Танас Дедов, еден од најпродуктивните ликовни творци од Кочани, чиј творечки опус се издвојува по карактеристичните мотиви и фрагменти од кочанското поднебје и од македонската етнотрадиција.

На свечената седница беа доделени наградите за првенците на генерацијата од шесте основни и двете средни училишта во Кочани. Осумтемина најдобри ученици, покрај наградата од шест илјади денари, ќе заминат на бесплатно летување на островот Паг, во Република Хрватска, награда којашто им ја обезбедува Општина Кочани.