Симболично, со полагање свежо цвеќе на спомениците и спомен-обележјата посветени на македонскиот социјалист, големиот револуционер Никола Карев, денеска во Кочани беше одбележана 116-годишнината од неговата смрт.

Делегации од Општината и Советот на Општина Кочани положија свежо цвеќе на споменикот на Никола Карев на влезот во селото Тркање, во спомен-паркот во Свиланово, во близината на селото Рајчани и на споменикот на Карев во Паркот на Револуцијата.

– И годинава го прилагодивме одбележувањето на овој датум од македонската историја според состојбата предизвикана од коронавирусот. Симболично, но достоинствено ја изразуваме почитта кон револуционерот, кој со своето дејствување остави неизбришливи траги во нашата историја и ги освежуваме сеќавањата на неговото дело – истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Чествувајќи го патрониот празник, ОУ „Никола Карев“ – Кочани ги додели наградите на најуспешните творби на литературниот и ликовниот конкурс на тема „Ние сме иднината“.