Општина Кочани денеска го објави јавниот повик за субвенционирање велосипеди.

Наредните 30 дена, односно во периодот на траење на јавниот повик, на граѓаните што ќе купат велосипед, Општина Кочани ќе им надомести дел од трошоците во висина од по 3 илјади денари нето износ по барател.

Барање за субвенција може да поднесе само едно полнолетно лице од едно домаќинство и тој треба да е полнолетен жител на општина Кочани и да има платен данок на имот за станбениот објект во кој живее. Субвенционирањето ќе се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“. Соодветна комисија ќе изврши увид на купените велосипеди.

Условите, потребната документација и начините на поднесување на барањето за субвенција за велосипед и на спроведување на постапката се опишани во целосната објава на веб-страницата на Општина Кочани.

Целта на оваа мерка од општинската Програма за заштитата на животната средина во 2021 година е да ги стимулира граѓаните жители на општина Кочани за користење велосипед како превозно средство, а со тоа да се намалува загадувањето на воздухот. За оваа мерка во Буџетот на Општина Кочани се наменети 350 илјади денари, со вклучени средства за исплата на персонален данок.